Thursday, January 2, 2014

Оценување на учениците



 Оценување на учениците

Оценувањето, една од најтешките задачи на наставникот, преку која треба да се валоризираат вештини и способности само во пет оценки, да се изврши себеоценување, како предавал и колку успеал да го пренесе знаењето што го владее. Објективноста, секојдневната тема и дилема на секој наставник при оценувањето на знаењето и успехот на учениците. Оценките не се само бројки, туку претставуваат огледало на ученикот, а и на наставникот. Оценките треба да говорат за знаењето, за заинтересираноста, за мотивираноста и за успехот на учениците за наставниот материјал. Исто така претставуваат слика за способноста на наставникот реално да ги оцени знаењето и трудот што ги вложил ученикот. Во градацијата од недоволен (1)  до одличен (5), треба да се содржат мерливите аспекти - знаење или незнаење, како и активноста на ученикот,  потоа разбраноста на материјалот, неговата примена во секојдневието. Сето тоа да се вкалапи во една единствена бројка е претешко, дури невозможно.  Невозможно е да нема влијание претходното напредување (стара слава), поведението, емотивни причини, мобингот и многу други влијанија. Оддамна воведовме формативното оценување кое се базира на правилно поставување прашања во текот на изучувањето на материјалот, самооценување, оценување од соученици, повратна информација за тековното учење, согледувајќи ги сите активности на ученикот. Воведување на екстерното тестирање не враќа кон сумативното оценување од кое малку се оддалечивме, а значи проценка на знаењата кога процесот на учење завршува и се добива крајна оценка за одреденo количество на изучениот материјал. И не само тоа, екстерното оценување значи проценка на препишувачките способности на ученикот, несовесноста на тестаторот како и други негативни особини кои настојуваме да ги отстраниме од образованието.



БРО - Критериуми за оценување на постигнувањата на учениците:

оценка доволен (2) - знаењата на ученикот се однесуваат на запомнување и репродуцирање, ученикот покажува одредени способности знаењето да го искаже со свои зборови и да го применува на наједноставни задачи.
оценка добар (3) - знаењата на ученикот, покрај тоа што се однесуваат на запомнување и репродуцирање, разбирање и сфаќање на наставните содржини, ученикот покажува способност за примена на знаењата за решавање на едноставни задачи.
оценка многу добар четири (4) - знаењата на ученикот се однесуваат на поцелосно запомнување и репродуцирање, разбирање и сфаќање на наставните содржини. Исто така, ученикот покажува способност за примена на знаењата за решавање задачи од познати и нови елементи, како и способност за средување и комбинирање елементи во нови целини.
оценка одличен (5) - знаењата на ученикот се над 90 % од содржините од наставната програма на ниво на запомнување, репродуцирање, сфаќање и разбирање. Ученикот може да ги применува знаењата за решавање на задачи со познати и нови елементи. Исто така, ученикот може да средува, комбинира елементи во нови цели и да покажува способност за вреднување на оправданост или научност на некое тврдење.