Monday, January 26, 2015

ПРВА ЕДУКОНФЕРЕНЦИЈА 24,25 јануари 2015

Аида Петровска
наставник по физика во
ООУ “Димитар Миладинов” Општина Центар 
Значењето на интерактивните медиуми во наставата со нагласок на блог поради неговата едноставност во креирањето и одржувањето.
Блогот може да ни  замени работна тетратка, функционален картон, збирка задачи, дневна подготовка, дури и учебник.
Блогот е идеален за поттикнување на соработка, за учење едни со други и едни од други, за негување на натпреварувачки дух и креативност.
Примена на блогот во наставата 

Вовед

Промени во областа на науката и техниката условуваат промени во воспитно – образовниот систем. Образовниот систем се прилагодува кон новите иновации, а вработените во образованието (особено наставниците) превземаат нови одговорни улоги и задачи. Создавањето на нови улоги и задачи наметнуваат потреба за професионален развој, процес за постојано унапредување на знаења, вештини, способности и развивање на наставнички компетенции. Стручното усовршување се одвива континуирано преку семинари, обуки, работилници и самоучење. Денес наставникот не е само извор на знаење, туку и организатор на работа, мотиватор и иницијатор на ученичките активности, а тој самиот треба да е мотивиран, одговорен, комуникативен, подготвен и отворен за постојано усовршување и професионално напредување. Денес, поголем број на наставници имаат своја Е-пошта, фејсбук профил, администратори се на некоја фејсбук група, имаат свој вебсајт или блог,... се со цел да се поинформирани, покомуникативни, да се поблиску до колегите, учениците и родителите.

Што е блог?

Веќе неколку децении блогот е една од позначајните форми на интерактивен медиум, а може да се смета за најстарата Web 2.0 алатка. (Web 2.0 алатките овозможуваат соработка, заедничко пишување, уредување, изработка и објавување на содржини на Интернет)

Блогот може да се опише и како интернет-страница што најчесто  ја обновува поединец, кој во неа објавува  лични ставови, идеи, искуства, линкови, фотографии, пишувајќи со неформален, разговорен стил.

Денес сме во можност на едноставен начин да изработиме свој блог. Имаме пристап до многу бесплатни блог платформи од кои најпопуларни се: Blogger www.blogger.com, Wordpress www.wordpress.org, и www.wordpress.com, Tumblr www.tumblr.com,  Medium www.medium.com....

Сите се со многу актуелна платформа, многу едноставни за употреба, бесплатни и нудат многу можности за уредување.

Многу блогови претставуваат лични дневници со многу теми кои го интересират блогерот и се врзани за личноста па претставуваат одраз на менување на неговото расположение.

Кога ќе се насобере искуство при управување со блог на бесплатната  сметка, убаво е да се создаде  блог на самостојна веб-адреса, а за тоа треба да се закупи веб-домен (домашен или странски) и да се закупи простор на веб (веб-хостинг). Блоговите креирани на сопствена адреса имаат поголеми можности за создавање на уникатен изглед и додавање на функционалности, а веројатноста да се повечни е поголема.


Зошто би било полезно секој наставник да има свој блог или вебсајт?

        Во редовната настава по физика ученикот е должен да има учебник и тетратка, додека  збирки задачи, работни тетратки и било каква друга додатна литература се незадолжителни и наставникот нема право да ги бара или препорачува  полезните додатоци кои родителите би ги изложувале на дополнителни трошоци. Решение за овој проблем за училишната работа е креирање на блог или вебсајт, додека за домашната работа може фејсбук група или јутјуб канал, зошто училишните компјутери имаат забранет пристап до овие мрежни места.

Блоговите се идеално место за промовирање на нашата работа, промовирање на училиштето, општината, државата. Одлични се за комуникација, за размена на искуства и идеи како и материјали кои ни се неопходни за работа.

Блоговите можат да се збогатат преку линкови со други содржини без разлика чии се и каде се наоѓаат (други блогови, вебсајт, јутјуб, фејсбук,....) Линковите воедно служат и како навигација во текстот па затоа зборовите што ги линкуваме треба внимателно да ги одбереме да бидат информативни и да навестуваат што се наоѓа зад линкот.


Зошто го препорачувам блогот во наставата?

Од досегашното искуство забележав дека примената на блогот во наставата е многу полезна, без разлика дали се работи за секојдневно учење, подготовка за натпревар или проектна активност. На објавените задачи за вежбање или подготвување за тест, учениците повеќе соработуваат, учат едни од други, помагаат едни надруги, донесуваат заклучоци, дебатираат.

Проектните активности (наставни и виннаставни) ги извршуваат на време, поквалитетно, помотивирано, уникатно зошто посакуваат нивните дела не личат на ниту едно што би можело да се најде на интернет. Самоиницијативно предлагаат наставни и воннаставни активности, дневникот за активностите што го водиме да биде побогат. При подготовките за натпреварите се поупорни зошто сакаат да ги бележиме само најдобрите резултати.

Не само учениците и родителите се позадоволни кога се во тек со наставата. Кога се известени за тоа што и како нивните деца учат, на кои начини се проверуват и оценуват, во какви активности се вклучени. Секој родител има можност да даде свој коментар како  забелешка или совет за работата и активностите кои му се презентирани на блогот.