Wednesday, December 11, 2013

Семинар - Безбедноста и здравјето при работа, Мобинг

Иако денес се запознавме, во 2007 година, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за безбедност и здравје при работа. Со овој закон се утврдуваат мерките за безбедност и здравје при рaбота, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа.
 II - дел од семинарот, МОБИНГ, ќе го посетам утре. Премногу нови податоци, а и онаа: - Сепак сме Македонија - ме збуни. Дали законите се носат поради закони или да се спроведуваат и почитуваат?

Подготовка за утре:

ШТО Е МОБИНГ?

По дефиниција мобинг е притисок врз вработените, или психолошки терор на работното место. Се состои во непријателска и неетичка комуникација, најчесто врз поединец, кој е ставен во состојба на беспомошност, без можност да се брани. Состојбата може да се одреди и како систематска и организирана кампања, со цел одредено лице да се избрка од работа.
Според други аналитичари мобингот е специфичен облик на однесување на работното место, со кое едно лице или група систематски и морално злоставуваат и понижуваат друго лице, со цел загрозување не неговиот углед, чест, човечко достоинство и интегритет, се до елиминација од работното место. Таквите активности се одвиваат најмалку еднаш неделно во тек на шест месеци.
Феноменот е релативно нов, за него почна да се зборува во деведесеттите години, но забележливо е дека се повеќе станува актуелен. Причина повеќе е економската криза, која во некоја рака оди во прилог на работодавачите. Тие сега имаат готово алиби да го намалат бројот на вработените.
Постојат две генерални причини за појавата на мобингот. На прво место се технолошките промени, кои бараат помалку работна сила. Новите машини ги опслужуваат помал број луѓе и одеднаш работодавачот има вишок вработени. На второ место се социјалните програми, или законите кои ги штитат работниците. За капиталот трудовото законодавство се еден вид окови што не можат лесно да се скршат. Директно врачениот отказ може да значи тужба на суд, неизвесна пресуда, можна отштета и непотребно публицирање на случајот во јавноста. Затоа за капиталот мобингот е поелегантно решение – работникот треба да се малтретира се додека самиот не си отиде.
Изразот е инаку кованица од два англиски збора: моб, што значи бараба, неранимајко, и мобиш, што значи грубо, простачки, вулгарно. Зборовите се сосем прикладни, затоа што од морален аспект мобингот е враќање кон дивјаштвото и кон животинскиот морал.

No comments:

Post a Comment