Sunday, September 8, 2024

Тој што го сфаќа новото и го негува старото, може да биде учител. (Конфучиј)

 


Почеток на имплементација на проектот

„Развивање и тестирање наставна програма за медиумска писменост“

 

    По успешно завршениот камп за медиумска писменост „Справување со дезинформации преку образование“ TechCamp Охрид 2023, тим од наставници од  пет основни училишта од Република Македонија по добиениот грант започнаа со реализирање на проектот „Развивање и тестирање наставна програма за медиумска писменост“ кој го имплементира Центарот за иновации и дигитална едукација заедно со Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија и тимот на TechCamp на Стејт Департментот на САД од Вашингтон.

Носители на овој проект се училиштата:

ООУ„Блаже Конески“ – Прилеп;

ООУ„Петар Поп Арсов“ – Карпош, Скопје;

ООУ„Марко Цепенков“ – Зелениково, Скопје;

ООУ„Христијан Тодоровски Карпош“ – Ранковце и

ООУ„Димитар Миладинов“ – Центар, Скопје.

          Програмата за медиумска писменост во основното образование е дизајнирана да ги надгради вештините на учениците за критичко размислување и анализа на медиумските содржини, со цел да се создадат информирани и одговорни дигитални граѓани. Освен што се фокусира на разбирањето на медиумската пристрасност и техниките на убедување, програмата исто така ги поттикнува учениците да размислуваат критички за етичките аспекти на медиумската продукција и новинарството. Учениците ќе учат како да ги препознаваат и проверуваат фактите, да го разберат влијанието на медиумите врз јавното мислење и политиката, и да се изразуваат креативно преку дигитално раскажување приказни.

          Програмата вклучува практични активности како создавање на мултимедијални проекти, видеа и подкасти, кои им овозможуваат на учениците да ги применат своите знаења во реални сценарија. Исто така, се охрабруваат дебати и дискусии за слободата на изразување и правото на пристап до информации, како и за рамнотежата помеѓу слободата на говорот и одговорната употреба на медиумите. Со учество во кампањи за дигитален активизам и истражување на онлајн заедници, учениците стануваат дел од поголемата дигитална заедница и учат како да придонесат кон социјалните промени.

          Како крајни исходи, програмата тежи кон создавање на свесни и критички мислители кои ќе бидат способни да ги препознаат и да се справат со предизвиците на дигиталната ера, да ги заштитат своите лични податоци и да учествуваат активно во дигиталното општество. Учениците ќе бидат подготвени да ги препознаат и да се справат со мисинформациите и дезинформациите, да ги разберат и да се борат против сајбер насилството и да градат позитивна слика на телото и разновидност во медиумите. Оваа програма има за цел да ги охрабри учениците да станат активни учесници и креатори на медиумски содржини, а не само пасивни потрошувачи.

          Во текот на спроведувањето на активностите ќе биде отворена и веб страна на проектот – www.nasmedium.edu.mk, каде ќе бидат поставени ресурси и добри практики за имплементација на програмата во основните училишта.

Проектот е составен од клучни 5 теми, а секоја е разработена во повеќе подтеми.

Теми:
1. Запознавање со концептите на медиумска писменост.

2. Разбирање на медиумската пристрасност.

3. Разбирање на рекламирањето и влијанието на медиумите.

4. Медиумска писменот и политика.

5. Медиумска писменост и дигитален активизам .

   Пополека ќе навлеземе во дигитално раскажување приказни digital storytelling: Елементи и техники Storyboarding  и планирање на дигитален медиумски проект.
Ќе спроведеме мини истражувачки проекти за актуелен настан како што е: Медиумска писменост во ерата на социјалните медиуми; Идентификување на мисинформации и дезинформации; Истражување на стратегии за борба (справување) со лажните вести fake news и друго.



No comments:

Post a Comment