Никола Тесла човек што ја осветли Америка, човек за сите времиња, човек надвор од времето, човек за кого епитетот гениј е премал. Оваа се реченици со кои најчесто го опишуваат Никола Тесла. Со своите 700 патенти се смета за најплодниот пронаоѓач во светот на науката. За сите негови откритија веројатно сте слушале и читале, но дали сте знаеле дека тој е оснувач на современите еколошки движења во Америка и во Европа. Уште во јуни 1900 год. објавил статија “Проблеми во подобрувањето на човековата енергија” и со неа предизвикал сензација не помала отколку со своите изуми. Со оваа статија советувал како правилно да се живее и колку е важна личната хигиена. Советувал умерено да се конзумира виното, чајот, кафето, цигарите, а водата, најдрагоцената течност да се конзумира во изобилство, но и да се чува, да не се загадува. Доколку се почитуваме себе си, а би требало зошто сме бесценет подарок од оној кој ни го дал животот, треба редовно да внимаваме на личната хигиена и да се негуваме. За најголемо зло кое може да му се случи на човекот го сметал недостигот на храната зошто тоа зло ја носи бедата, гладот и сиромаштијата. Не мислел само на класичниот недостиг на храната туку и за недостиг на здрава храна што не е проблем само на сиромашните, туку и на развиените земји. За него било најважно обезбедувањето на здрава храна, но под тоа не подразбирал користење на животните за таа цел. Како најдобро решение Тесла го гледал вегетаријанство. Со конзумирањето на овошјето и зеленчукот не само што се храниме на најздрав и најправилен начин, туку и придонесуваме за баланс во животната средина. Тогаш животните би биле правилно искористени (во земјоделство, сточарство,...), а човекот покрај здрава исхрана ќе се здобие со подобра физичка сила. Немилосрдно и сурово колење на добиток деструктивно влијае на моралот на човекот. Тесла бил свесен дека брзиот развој на човештвото ќе доведе до употреба на вештачка храна која ќе предизвика катастрофални последици. Според него, со оваа зло ќе се справиме само ако ја подобриме плодноста на обработливите површини. Особено бил загрижен за шумите кои во тоа време немилосрдно се сечеле за огрев без да се обновуваат иако и тогаш се знаело дека тоа се бели дробови на нашата планета. Предлагал наместо дрвја да се користи соларна енергија. Сета енергија на планетава доаѓа од сонцето, изворот кој движи се, го одржува и осветлува животот на нашата планета Земја. Уште од почетокот на цивилизацијата постоеле неколку начини за користење на сончевата енергија кои му биле достапни на човекот. Додека пловел по реката ја користел сончевата енергија од атмосферата и вода. Конечни резултати од оваа примитивно користење на сончевата енергија се: 1. Согорување на јаглехидратите со ладен процес; 2. Ефикасно користење на енергијата од животната средина; 3. Безжично пренесување на електрична енергија на сите далечини. Доколку сето оваа би се остварило би се зголемиле полезните дејности на човештвото. Железото како еден од побитните пронајдоци за човештвото има и негативни страни. За неговата преработка се користат големи количества јаглен, кој немилосрдно се трошел без страв за неговото исчезнување. За Тесла штедењето на јаглен било обврска кон идните генерации на кои бездруго ќе им биде повеќе потребен, а преработката на железната руда да се преориентира на сончевата, на тој начин што електричната енергија што се користи за тие цели би се добивала од енергија на водопадите која потекнува од сончевата. Енергијата на водопадите е обновлив природен извор на енергија кој не се троши, а и човековата работна сила се сведува на минимум. При вакво производство на електрична енергија се заштедуваат големи количества на гориво што е чиста добивка на човештвото. Единствена цел на Тесла му била да произведе енергија без трошење на друг додатен материјал (природно гориво). Идејата за вакво нешто не ја гледал само во водата туку и во ветерниците. Силата на ветерот со векови му била позната на човекот и од големата корист. Ја користел да ги поминува морињата, а и денес е важен фактор во патувањата и во транспортот. Сепак предноста ја има сонцето со своите зраци кои секогаш доаѓаат на Земјата и даваат максимално количество на енергија. Размислувал како да ја претвори енергијата на земјината кора, од воздухот и океаните во друг вид енергија. Како да ја акумулира енергијата од електричните празнења во атмосерата или пак да ја трансформира. Бил убеден дека високо фреквентните осцилации можат да создадат светлина и со систем за осветлување со вакум цевки би се замениле сите светилки со вжештени жици а и во зградите не би имало потреба од разведување на кабли. Размислувал за употреба на електричната струја во земјоделство за земјоделските машини, за заштита на шумите од пожари, за уништување на вируси, бактерии, инсекти, глодари и други штетници. Никола Тесла претпоставувал дека примената на електрицитетот ќе даде неограничени можности за примена на електротерапија во медицината, особено струите со висока фреквенција дека ќе имаат голема иднина и ќе се применуваат дури во секој дом. Имал идеја за суво капење со помош на електрицитет кој ќе делува на површината на телото (по кожата), самото капење би траело пократко, би се штедела водата, хигиенските средства, природата не би се загадувала, а на човековото тело би имала благотворно терапевтско дејство. Исполнувајќи го својот детски сон, изградба на хидроцентрала на Нијагара – Канада, Тесла се истакнал не само како физичар туку и како еколог. Тој ја искористил потенцијалната енергија на водата без да гради вештачки езера. Со изградба на вештачките езера природата се повредува и доаѓа до многу негативни промени во животната средина. На дното од езерата се таложи тиња, се уништува растителен и животински свет, се потопуваат речните долини, се менува климата во нивната околина. Произведената електрична енергија преку далноводи, изработени од стотици тони метал, доаѓа до нашите домови. Сето тоа само ја нагрдува околината.Тоа беше и една од причините Тесла да работи на откривањето на бежичниот пренос на енергија, дојде до тоа откритије кое што никогаш не се примени и усоврши, се поради бизнисот на цна металургија. Уште на крајот на 19 век Тесла претпоставил дека ќе дојде до ефектот на стаклена градина со кој денес се соочува целиот свет. Тогаш патентирал два вида на уреди кои можат да произведат огромни количества на озон. Ако се запрашаме зошто тогаш му бил потребен озон во толку големи количества не би знаеле да одговориме, но денес го најдовме одговорот. Тесла е без сомнение е првиот научник, кој се грижел да ја заштити и да ја зачува природата. Тој е предвесник на еколошкото движење на современиот свет. Многу одамна им се посвети на еколошките проблеми со кои денес се соочува нашата цивилизација. Пред повеќе од еден век Никола Тесла сватил дека човештвото нема резервна планета, па се однесувал, творел, размислувал, се со цел да не ја истоштува, да ја зачува за идните поколенија. Живеел согласно со сите природни закони не сакајќи во ниту еден момент да ја повреди природата, туку само да и помогне, да ја заштити, да ни ја остави во наследство, здрава и богата потсетувајќи не дека и ние сме дел од неа, да продолжме да ја чуваме и да ја заштитуваме.
No comments:
Post a Comment