Wednesday, March 26, 2014

Растење и развивање на растенијата

За правилно развивање и растење на растенијата им се потребни повеќе неопходни фактори. Водата, почвата, минералните материи, атмосферата, сончевата светлина, оптималната температура и pH се основните фактори кои му се потребни на секое растение за растење.
1. Вода: Таа е еден од најнеопходните фактори потребен за растење на растението. Најголем дел од растенијта имаат потреба од оптимално количество вода за растење. Секое растение има сопствена потреба за вода. Некои растенија растат при суви атмосферски услови, додека на други им е потребна постојана влажност.
2. Почва: Почвата е еден од важните фактори за растење и опстанок на растението. Таа треба да има соодветна влага и правилен баланс на хранливите материи и на минералите. Различни видови растенија имаат потреба од различни почви и различен состав на почвата.
3. Сончева светлина: Светлината е главен извор за енергија на растенијата. Растенијата сами создаваат храна преку процесот на фотосинтеза, во кој атмосферскиот јаглерод диоксид се претвора во едноставни шеќери и притоа се користи енергија од сончевата светлина. Светлината може да се обезбеди со примена на природни или вештачки извори.
4. Топлина: Топлината на почвата како и топлината на атмосферата од околината имаат големо влијание врз растот на растенијата. Оптималната температура многу варира од вид до вид. Оптималната температура е потребна за сите процеси кај растенијата како: ’ртење, дишење, фотосинтеза, цветање и други.
5. Атмосфера: Во овој фактор се вклучени релативната влажност и јаглеродниот диоксид. Релативната влажност од 40‐60% е поволна за најголем дел од растенијата. На растенијата им е потребен јаглерод диоксид за создавање на шеќер преку процесот на фотосинтеза. Растенијата го користат кислородот за дишење, како и за некои други производи во фотосинтезата.
6. Минерални материи: Тие се познати како „храна на растенијата“. Тие се создаваат во почвата, се раствораат во водата и растението ги впива преку коренот. Хранливите материи кои им се потребни на растенијата за да опстанат се класифицирани во две групи: макроелементи и микроелементи. Азотот, калиумот и фосфорот се познати како примарни макроелементи, додека суфурот, калциумот и магнезиумот се означени како секундарни макроелементи. Бакарот, борот, кобалтот, хлорот, силициумот, цинкот, железото, молибденот и манганот се наречени микроелементи.

Основи на природните науки и техника
Движење на растенијата
ЕКСПЕРИМЕНТИ: 
      Растенијата не можат да создаваат храна преку фотосинтеза без светлина. Сончевата светлина е многу важна за растенијата, поради што тие го менуваат правецот на движење при растењето, така што се движат кон светлината. Ова се нарекува фототропизам, од грчките зборови кои означуваат „светлина“ и „движање“. Овој процес може да се види и со саксиско растение. Листовите растат во насока кон светлината (прозорецот). Доколку се промени положбата на растението (свртено кон ѕидот), тоа повторно ќе се придвижува кон изворот на светлина (кон прозорецот). Колку е силно привлекувањето од сончевата светлина? Дали едно растение поставено во услови/место каде е спречено навлегувањето на сончевата светлина ќе може да расте за да дојде до светлина? 
ЕКСПЕРИМЕНТ - 1 
Потребен материјал: Кутија за чевли со капак, Неколку парчиња картон, црна мат боја или да се обложи со црн хамер или самолеплива хартија со црна боја, селотејп или лепак , мала саксија (пластична чаша или чаша од стиропор) , почва за садење, семиња од грав .
Постапка:
1. Од картонот се сечат две парчиња со следниве димензии: ширината да биде колку што е висината на кутијата, а должината 2/3 од ширината на кутијата.
2. Внатрешноста на кутијата, внатрешноста на капакот и двете парчиња картон се бојат со црна боја. Ова ќе помогне да се намали светлосната рефлексија.
3. Кога бојата ќе биде сува, едното парче картон се лепи во внатрешноста на кутијата, така што да се биде малку повеќе од средината на кутијата. (Во текот на експериментот кутијата ќе биде поставена вертикално, а под парчето картон треба има простор за да се постави саксијата или чашата.) Потоа се лепи и другото парче картон неколку центиметри над првото.
4. Кутијата се поставува вертикално, а на другата страна (на врвот) се прави мала дупка (колку метална паричка).
5. Во влажна почва за садење се засадуваат едно или две семиња грав во саксија или пластична чаша. Семињата се поставуваат на длабочина од 8‐10 cm. Саксијата се става во кутијата и се затвора со капакот, за да не навлегува светлина од страните, освен од дупката на врвот.
6. Секој ден се полева со вода и се гледа како расте. Се прават цртежи или фотографии од начинот на растење. 
Набљудување:
Запишување на податоците: 
Што се случува?
Растението‐грав расте кон единствениот извор на светлина, дупката на врвот на кутијата, и расте дури и околу препреките од картон кои се поставени во кутијата. Енергијата која му е потребна за да из’рти и да почне да расте е складирана во семето. Кога складиранта храна ќе се потроши, растението ќе треба да почне да врши фотосинтеза. Растението ја користи енергијата од семето за да најде светлина за да може да преживее.


ЕКСПЕРИМЕНТ 2:
Потребен материјал: Две саксии со исти растенија. 
Постапка: Во две саксии се сади растение. Едната се поставува кон извор на светлина, до прозор, а другата кон ѕид. 
Набљудување: Што забележуваш? 
Запишување на податоците: Кои делови од растението се движат? Зошто?

Thursday, January 2, 2014

Оценување на учениците



 Оценување на учениците

Оценувањето, една од најтешките задачи на наставникот, преку која треба да се валоризираат вештини и способности само во пет оценки, да се изврши себеоценување, како предавал и колку успеал да го пренесе знаењето што го владее. Објективноста, секојдневната тема и дилема на секој наставник при оценувањето на знаењето и успехот на учениците. Оценките не се само бројки, туку претставуваат огледало на ученикот, а и на наставникот. Оценките треба да говорат за знаењето, за заинтересираноста, за мотивираноста и за успехот на учениците за наставниот материјал. Исто така претставуваат слика за способноста на наставникот реално да ги оцени знаењето и трудот што ги вложил ученикот. Во градацијата од недоволен (1)  до одличен (5), треба да се содржат мерливите аспекти - знаење или незнаење, како и активноста на ученикот,  потоа разбраноста на материјалот, неговата примена во секојдневието. Сето тоа да се вкалапи во една единствена бројка е претешко, дури невозможно.  Невозможно е да нема влијание претходното напредување (стара слава), поведението, емотивни причини, мобингот и многу други влијанија. Оддамна воведовме формативното оценување кое се базира на правилно поставување прашања во текот на изучувањето на материјалот, самооценување, оценување од соученици, повратна информација за тековното учење, согледувајќи ги сите активности на ученикот. Воведување на екстерното тестирање не враќа кон сумативното оценување од кое малку се оддалечивме, а значи проценка на знаењата кога процесот на учење завршува и се добива крајна оценка за одреденo количество на изучениот материјал. И не само тоа, екстерното оценување значи проценка на препишувачките способности на ученикот, несовесноста на тестаторот како и други негативни особини кои настојуваме да ги отстраниме од образованието.



БРО - Критериуми за оценување на постигнувањата на учениците:

оценка доволен (2) - знаењата на ученикот се однесуваат на запомнување и репродуцирање, ученикот покажува одредени способности знаењето да го искаже со свои зборови и да го применува на наједноставни задачи.
оценка добар (3) - знаењата на ученикот, покрај тоа што се однесуваат на запомнување и репродуцирање, разбирање и сфаќање на наставните содржини, ученикот покажува способност за примена на знаењата за решавање на едноставни задачи.
оценка многу добар четири (4) - знаењата на ученикот се однесуваат на поцелосно запомнување и репродуцирање, разбирање и сфаќање на наставните содржини. Исто така, ученикот покажува способност за примена на знаењата за решавање задачи од познати и нови елементи, како и способност за средување и комбинирање елементи во нови целини.
оценка одличен (5) - знаењата на ученикот се над 90 % од содржините од наставната програма на ниво на запомнување, репродуцирање, сфаќање и разбирање. Ученикот може да ги применува знаењата за решавање на задачи со познати и нови елементи. Исто така, ученикот може да средува, комбинира елементи во нови цели и да покажува способност за вреднување на оправданост или научност на некое тврдење.


Wednesday, December 11, 2013

Семинар - Безбедноста и здравјето при работа, Мобинг

Иако денес се запознавме, во 2007 година, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за безбедност и здравје при работа. Со овој закон се утврдуваат мерките за безбедност и здравје при рaбота, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа.
 II - дел од семинарот, МОБИНГ, ќе го посетам утре. Премногу нови податоци, а и онаа: - Сепак сме Македонија - ме збуни. Дали законите се носат поради закони или да се спроведуваат и почитуваат?

Подготовка за утре:

ШТО Е МОБИНГ?

По дефиниција мобинг е притисок врз вработените, или психолошки терор на работното место. Се состои во непријателска и неетичка комуникација, најчесто врз поединец, кој е ставен во состојба на беспомошност, без можност да се брани. Состојбата може да се одреди и како систематска и организирана кампања, со цел одредено лице да се избрка од работа.
Според други аналитичари мобингот е специфичен облик на однесување на работното место, со кое едно лице или група систематски и морално злоставуваат и понижуваат друго лице, со цел загрозување не неговиот углед, чест, човечко достоинство и интегритет, се до елиминација од работното место. Таквите активности се одвиваат најмалку еднаш неделно во тек на шест месеци.
Феноменот е релативно нов, за него почна да се зборува во деведесеттите години, но забележливо е дека се повеќе станува актуелен. Причина повеќе е економската криза, која во некоја рака оди во прилог на работодавачите. Тие сега имаат готово алиби да го намалат бројот на вработените.
Постојат две генерални причини за појавата на мобингот. На прво место се технолошките промени, кои бараат помалку работна сила. Новите машини ги опслужуваат помал број луѓе и одеднаш работодавачот има вишок вработени. На второ место се социјалните програми, или законите кои ги штитат работниците. За капиталот трудовото законодавство се еден вид окови што не можат лесно да се скршат. Директно врачениот отказ може да значи тужба на суд, неизвесна пресуда, можна отштета и непотребно публицирање на случајот во јавноста. Затоа за капиталот мобингот е поелегантно решение – работникот треба да се малтретира се додека самиот не си отиде.
Изразот е инаку кованица од два англиски збора: моб, што значи бараба, неранимајко, и мобиш, што значи грубо, простачки, вулгарно. Зборовите се сосем прикладни, затоа што од морален аспект мобингот е враќање кон дивјаштвото и кон животинскиот морал.