Friday, July 20, 2012

„Ова е мал чекор за човекот, но огромен за човештвото“

Американскиот астронаут Нил Армстронг на 20 јули 1969 година стана првиот човек во историјата кој стапна на Месечината, со летот Аполо 11.
Пред точно 43 години човекот за првпат зачекори по површината на Месечината. За колкаво постигнување се работи, зборува фактот дека луѓето оттогаш не мрднаа нешто повеќе во вселената.
Низ светот се одбележува годишнина од историското прво човечко спуштање на Месечината. Американските астронаути во мисијата Аполо 11 учествуваа во еден од највпечатливите настани на 20 век.
Спуштањето на Месечината на американската астронаутска мисија Аполо 11 во живо преку телевизиски и радиски пренос го следеа околу 600 милиони луѓе.
На 20 јули 1969 година во 16:18 часот по источноамериканско време, испрекинатиот глас на Нил Армстронг, астронаутот кој ја предводеше мисијата и објави на публиката на Земјата: „Хјустон, овде базата Мир. Игл слета“.
Кратко потоа Армстронг стана првиот човек кој стапна на второто вселенско тело. Спуштајќи се по скалите од кабината, тој зачекори низ сивата прашина на Месечината, изговарајќи ја познатата реченица „Ова е мал чекор за човекот, но огромен за човештвото“.
Наскоро на Армстронг му се придружи астронаутот Едвин Баз Олдрин, опишувајќи ја површината на Месечината како „величенствена пустина“.
Армстронг и Олдрин два и пол часа ја истражуваа месечевата површина, собирајќи примероци и фотографирајќи. Тогаш тие го поставија и американското знаме.
Двајцата астронаути потоа се спуштија во Тихиот океан на 24 јули, исполнувајќи го ветувањето дадено во 1962 на тогашниот американски претседател Џон Кенеди, дека до крајот на таа деценија човекот ќе стапне на Месечината.
Американските власти ја започнаа мисијата за стапнување на Месечината по стравувањата дека Русија ги надминала во тој поглед, откако во 1961 рускиот космонаут Јуриј Гагарин, стана првиот човек кој замина во Вселената.
Аполо 11 – Армстронг, Колинс и Олдрин

No comments:

Post a Comment